Опрема и реновирана училница за средношколците во стручното училиште во Кавадарци
Дрекслмајер во соработка со Министерството за образование и наука и Делегацијата на германското стопанство во Македонија од годинава во Македонија го спроведува моделот на дуално стручно образование според германски терк и прилагодена наставна програма. Во пилот проектот ученици од една паралелка од Средното стручно училиште „Киро Спанџов- Брко“ ќе го изучуваат новиот стручен профил Техничар за индустриска мехатроника за што по четири години ќе се стекнат со диплома за овој новововеден образовен профил.
За да можат средношколците во најсовремени услови да изведуваат вежби во склоп на училишната настава, Дрекслмајер целосно ја реновираше училницата за практична работа и донираше машини и алатки соодветни на наставната програма. Покрај индустриските мехатроничари, во кабинетот практична работа ќе изведуваат и учениците кои изучуваат други области како: Електроника, Енергетика и Телекомуникации.
Барбара Гербер, одговорна за образование и обуки во компанијата DRÄXLMAIER Group ги поздрави присутните и ги истакна двата важни поводи: „Драго ми е што сме овде и официјално да ја ставиме во функција училницата, која доби ново руво и е комплетно реновирана и опремена. Исто така се радувам што од годинава ја имаме првата генерација на ученици кои се дел од пилот проектот на дуалното стручно образование според германски стандарди.“ Генералниот директор на Дрекслмајер Македонија се заблагодари на претставниците од Министерството за образование и наука и Делегацијата на германското стопанство во Македонија за заедничкиот ангажман и партнерски однос при прилагодување на наставната програма за образовниот профил Техничар за индустриска мехатроника.
Моделот на дуално стручно образование подразбира теоретската и практичната настава за учениците во училиштето, како и практични вежби еднаш неделно, во специјално прилагодената работилница во рамки на фабриката Дрекслмајер во Кавадарци. По успешното завршување на четиригодишното образование, учениците ќе бидат теоретски и стручно оспособени за вклучување на пазарот на трудот, а секако би можеле да го продолжат своето образование понатаму.
На свеченото примопредавање, директорот на училиштето Драги Ташев и претставникот на Делагацијата на германското стопанството во Македонија Тобијас Боле изразија надеж дека и останатите компании и училишта ќе го следат овој пример и ќе се вклучат во програмата за дуално стручно образование.
Дрекслмајер Македонија од 2015 година обезбедува услови за практична работа за повеќе од 60 средношколци. Со почеток на оваа учебна година околу дваесетина ученици и официјално се дел од наставната програма за дуално стручно образование со зголемен број на часови, предвидени за учење преку работа. Во изминатите неколку години DRÄXLMAIER
Group во многубројни земји ширум светот спроведува дуално образование според германски модел и стандард. Во моментот компанијата обучува околу 1000 ученици на 28 локации.
Инвестирањето во образованието обезбедува сигурна иднина и перспектива за младите луѓе!
Општи информации
за
DRÄXLMAIER Групацијата
Групацијата DRÄXLMAIER ги снабдува врвните производители на автомобили ширум светот со сложени жичени системи од кабелски сетови, централни електрични и електронски компоненти, ексклузивни ентериери и системи од батерии за електрична мобилност. Комбинацијата од суштинските компетенции на полето на ентериерот, електричните и електронските, како и системите од батерии го прават DRÄXLMAIER уникатен во оваа индустрија. Токму затоа компанијата го покрива целосниот синџир на процесот, од првичната идеја, преку развојниот и производствениот процес, па сè до прецизната испорака на производите во секвенца до линиите за монтажа на врвните производители на автомобили. Творецот на специфичните жичени кабелски сетови изработени по барањата од клиентот, DRÄXLMAIER Групацијата, ја развива пионерската технологија за жичени кабелски сетови, но и за електричните и електронските компоненти, директно и единствено во рамките на организацијата. Производите ги вклучуваат повеќе-напонските и високо-напонските жичени системи од кабелски сетови, системи за управување со батеријата и паметни дистрибутери на струјата. DRÄXLMAIER веќе работи на иднината, која подразбира мобилност без емисија на штетни материи, со своите решенија за ниско-напонски и високо-напонски системи од батерии. Како лидер на пазарот во изработката на комплетен ентериер за премиум автомобилите, DRÄXLMAIER Group ги снабдува познатите производители на автомобили и со решенија за амбиентално осветлување, централни конзоли, облоги за врати и инструмент табли, како и со целосни модули за врати и кокпит модули. DRÄXLMAIER Групацијата e меѓународен добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 60 фабрики во преку 20 земји. Основана во 1958 година, со главно седиште во Германија, компанијата брои повеќе од 70.000 вработени ширум светот. За DRÄXLMAIER Групацијата, како компанија која е управувана од сопствениците, одговорното и долгорочното размислување секогаш биле основата за економскиот успех. Затоа ваквиот начин на делување е составен елемент од стратегијата на компанијата при создавањето на деловните и производствените процеси и на своите производи на поодржлив начин, кој пак ќе доведе до зголемување на конкурентноста на компанијата на долгорочна основа. Освен тоа, DRÄXLMAIER е истраен во посветеноста да постигне целосно намалување на емисијата на јаглерод диоксид во животната средина до 2050 година.
Во 2023 година обртот на компанијата изнесуваше 5.6 милијарди евра. Клиентите на овој добавувач, кој се вбројува во првите 100 добавувачи од автомобилската индустрија, ги вклучуваат: Audi, BMW, Jaguar, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, Porsche и Volkswagen, како и калифорниските производители на автомобили.