DRÄXLMAIER Куманово со успешна акција за пошумување

20. ноември 2023 Преку волонтерски пристап и голема мотивираност вработените во компанијата засадија околу 1200 садници во регионот на Куманово

Волонтери вработени во DRӒXLMAIER Куманово изминатиот викенд беа дел од акција за пошумување во регионот на кумановско Жегљане кадешто успешно беа засадени околу 1200 садници од видот црн бор. Акцијата беше реализирана во соработка со ЈП “Национални шуми” подружница Куманово чиј стручен кадар овозможи техничка поддршка и соодветен алат за работа.  

Со тимска сплотеност кон зачувување на природата

Акцијата за пошумување е еден од начините да се подобри квалитетот на живот за општо добро, со обнова на природните живеалишта и екосистемите. DRӒXLMAIER следејќи ја стратегијата за одржливост и заштита на животната средина продолжува во континуитет да спроведува волонтерски акции за пошумување во регионите кадешто делува со цел да даде свој придонес, но и поттик за подигнување на свеста за заштита и зачувување на животната средина.

Волонтерите од DRӒXLMAIER – пример за секој поединец

Грижата за околината е одговорност на сите нас. Со нашето одговорно однесување и делување придонесуваме за поздраво, почисто и поубаво место за живеење. „Драго ни е што и годинава заедно со нашите вработени имаме можност да учествуваме во акцијата за пошумување. Шумите се важен дел од глобалниот јаглероден циклус, а со тоа и од  животната средина. Сакаме да бидеме добар пример и заедно да направиме разлика”, посочуваат од менаџментот на DRӒXLMAIER Македонија.

И од јавното претпријатие “Национални шуми” подружница Куманово го искажаа своето задоволство во однос на волонтерскиот пристап во акцијата за пошумување од страна на вработените во DRӒXLMAIER. „Задоволство ни е што DRӒXLMAIER заедно со своите вработени го задржува континуитетот на спроведување и учество во акциите за пошумување. Се радувам на секоја наша успешна соработка со заедничка цел за подобрување на околината во која живееме”, рече Луан Бајрами, стручно лице од ЈП “Национални шуми” подружница Куманово.

Тимски со работа и дружба

Вработените во DRӒXLMAIER Куманово, водени од тимски дух и со голема мотивираност да придонесат за општото добро, среќни се што се дел од акцијата за пошумување. „Преку оваа акција за пошумување не само што даваме заеднички придонес за заштита на животната средина, туку имаме можност и меѓусебно да се дружиме” – рече Фросина Николиќ вработена во DRӒXLMAIER Куманово. Аница Стојковиќ, исто така вработена во DRӒXLMAIER, е горда што е дел општествено одговорна компанија кадешто една од најважните цели е инвестирањето во иднината преку обновување на природните ресурси.

DRӒXLMAIER Македонија заедно со своите вработени ќе продолжи и понатаму одговорно да делува преку иницирање и реализација на проекти за поддршка на заедницата од која е дел. Ова е втора акција за пошумување на компанијата во кумановскиот регион, а во повеќе акции од ваков вид не само во околината на Куманово, туку и во близина на Кавадарци, Прилеп и Неготино засадени се околу 11.000 садници.

Општи информации

за
DRÄXLMAIER Групацијата

Групацијата DRÄXLMAIER ги снабдува врвните производители на автомобили ширум светот со сложени жичени системи од кабелски сетови, централни електрични и електронски компоненти, ексклузивни ентериери и системи од батерии за електрична мобилност. Комбинацијата од суштинските компетенции на полето на ентериерот, електричните и електронските, како и системите од батерии го прават DRÄXLMAIER уникатен во оваа индустрија. Токму затоа компанијата го покрива целосниот синџир на процесот, од првичната идеја, преку развојниот и производствениот процес, па сè до прецизната испорака на производите во секвенца до линиите за монтажа на врвните производители на автомобили. Творецот на специфичните жичени кабелски сетови изработени по барањата од клиентот, DRÄXLMAIER Групацијата, ја развива пионерската технологија за жичени кабелски сетови, но и за електричните и електронските компоненти, директно и единствено во рамките на организацијата. Производите ги вклучуваат повеќе-напонските и високо-напонските жичени системи од кабелски сетови, системи за управување со батеријата и паметни дистрибутери на струјата. DRÄXLMAIER веќе работи на иднината, која подразбира мобилност без емисија на штетни материи, со своите решенија за ниско-напонски и високо-напонски системи од батерии. Како лидер на пазарот во изработката на комплетен ентериер за премиум автомобилите, DRÄXLMAIER Group ги снабдува познатите производители на автомобили и со решенија за амбиентално осветлување, централни конзоли, облоги за врати и инструмент табли, како и со целосни модули за врати и кокпит модули. DRÄXLMAIER Групацијата e меѓународен добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 60 фабрики во преку 20 земји. Основана во 1958 година, со главно седиште во Германија, компанијата брои повеќе од 70.000 вработени ширум светот. За DRÄXLMAIER Групацијата, како компанија која е управувана од сопствениците, одговорното и долгорочното размислување секогаш биле основата за економскиот успех. Затоа ваквиот начин на делување е составен елемент од стратегијата на компанијата при создавањето на деловните и производствените процеси и на своите производи на поодржлив начин, кој пак ќе доведе до зголемување на конкурентноста на компанијата на долгорочна основа. Освен тоа, DRÄXLMAIER е истраен во посветеноста да постигне целосно намалување на емисијата на јаглерод диоксид во животната средина до 2050 година.

Во 2023 година обртот на компанијата изнесуваше 5.6 милијарди евра. Клиентите на овој добавувач, кој се вбројува во првите 100 добавувачи од автомобилската индустрија, ги вклучуваат: Audi, BMW, Jaguar, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, Porsche и Volkswagen, како и калифорниските производители на автомобили.