Четврта генерација практиканти според дуално стручно образование во DRӒXLMAIER

13. септември 2022 Склучени договори за вработување и доделени сертификатите за успешно завршена практична настава според германскиот модел на дуално стручно образование

Уште една генерација од дваесетина ученици успешно го завршија своето образование според германски модел на дуално стручно образование. Од нив солиден дел се одлучија да го продолжат кариерниот пат во компанијата и веќе ги склучија своите први договори за вработување со можност да работат во една од двете DRӒXLMAIER фабрики во земјава. Дел од практикантите, пак, го продолжуваат своето образование на некој од техничките факултети.

DRӒXLMAIER со поддршка за образованието и младите луѓе

На заедничкиот собир организиран од компанијатана на учениците им беа доделени сертфитикатите за успешно завршена практична настава. „Би сакал да упатам најискрени честитки до практикантите за постигнатите резултати. Драго ми е што дел од нив се приклучуваат на нашите вискостручни тимови и ќе имаат можност уште повеќе да ги прошируваат своите знаења и вештини од соодветните области. Родителите треба да бидат горди на успесите на своите деца, а ние како компанија и во иднина продолжуваме да го поддржуваме образованието на младите луѓе“, рече Лукас Мирингер, Генерален менаџер на DRӒXLMAIER Македонија.

Практичната настава се одвива во специјализиранта училница во рамки на фабриката. Практикантите работат под менторство на квалификувани тренери кои континуирано го дополнуваат своето знаење и компетенции преку посета на бројни обуки и тренинзи во странство.

Среќни и задоволни ученици
Учениците, секој со својата замисла и желби за иднината, не го криеа задоволството. „Среќен сум што имав можност да посетувам практична настава во DRӒXLMAIER. Спецјализираната училница е одлично подготвена, а тренерите своето знаење ни го пренесоа на најдобар можен начин“, вели Трајков Глигорчо. За Костадин Трајков, пак, особено е важно што за време на практичната настава учениците се директно вклучени во производниот процес, работат под водство на ментор, го продлабочуваат своето знаење и стекнуваат корпоративна култура. „Без двоумење го прифатив понудениот договор за вработување од страна на DRӒXLMAIER. Од она што имав можност да го видам во изминатите три години, цврсто сум убеден тука постојат вистински можности за професионален развој на вработените“, додава тој

Професионалната иднина на учениците во сигурни раце
Родителите заедно со децата и менторите во компанијата работат на најдобрата верзија на секое дете. За да им се обезбеди стабилна иднина на децата, тие мора да научат да ги прифаќаат одговорностите, да носат правилни решенија и цврсто да чекорат на патот до успехот. „Особено се радувам затоа што во нашата компанија, првенствено, се препознава и се цени квалитетот. Мојот син веќе потпиша договор за вработување во DRӒXLMAIER. Сега знам дека неговата професионална иднина е во сигурни раце, а можностите за напредок и доусовршување се бескрајни“, вели Данка Стојанова која е мајка на еден од практикантите и исто така е вработена во DRӒXLMAIER.
DRӒXLMAIER е лидер во земјата во спроведувањето на моделот на дуално образование според германски стандарди. Комапнијата, следејќи ја својата долгорочна стратегија за поддршка на младите луѓе и образованието, ќе продолжи и понатаму да дава свој придонес во насока на создавање високостручни и компетентни кадри кои се барани на пазарот на трудот.

Општи информации

за
DRÄXLMAIER Групацијата

Групацијата DRÄXLMAIER ги снабдува врвните производители на автомобили ширум светот со сложени жичени системи од кабелски сетови, централни електрични и електронски компоненти, ексклузивни ентериери и системи од батерии за електрична мобилност. Комбинацијата од суштинските компетенции на полето на ентериерот, електричните и електронските, како и системите од батерии го прават DRÄXLMAIER уникатен во оваа индустрија. Токму затоа компанијата го покрива целосниот синџир на процесот, од првичната идеја, преку развојниот и производствениот процес, па сè до прецизната испорака на производите во секвенца до линиите за монтажа на врвните производители на автомобили. Творецот на специфичните жичени кабелски сетови изработени по барањата од клиентот, DRÄXLMAIER Групацијата, ја развива пионерската технологија за жичени кабелски сетови, но и за електричните и електронските компоненти, директно и единствено во рамките на организацијата. Производите ги вклучуваат повеќе-напонските и високо-напонските жичени системи од кабелски сетови, системи за управување со батеријата и паметни дистрибутери на струјата. DRÄXLMAIER веќе работи на иднината, која подразбира мобилност без емисија на штетни материи, со своите решенија за ниско-напонски и високо-напонски системи од батерии. Како лидер на пазарот во изработката на комплетен ентериер за премиум автомобилите, DRÄXLMAIER Group ги снабдува познатите производители на автомобили и со решенија за амбиентално осветлување, централни конзоли, облоги за врати и инструмент табли, како и со целосни модули за врати и кокпит модули. DRÄXLMAIER Групацијата e меѓународен добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 60 фабрики во преку 20 земји. Основана во 1958 година, со главно седиште во Германија, компанијата брои повеќе од 70.000 вработени ширум светот. За DRÄXLMAIER Групацијата, како компанија која е управувана од сопствениците, одговорното и долгорочното размислување секогаш биле основата за економскиот успех. Затоа ваквиот начин на делување е составен елемент од стратегијата на компанијата при создавањето на деловните и производствените процеси и на своите производи на поодржлив начин, кој пак ќе доведе до зголемување на конкурентноста на компанијата на долгорочна основа. Освен тоа, DRÄXLMAIER е истраен во посветеноста да постигне целосно намалување на емисијата на јаглерод диоксид во животната средина до 2050 година.

Во 2023 година обртот на компанијата изнесуваше 5.6 милијарди евра. Клиентите на овој добавувач, кој се вбројува во првите 100 добавувачи од автомобилската индустрија, ги вклучуваат: Audi, BMW, Jaguar, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, Porsche и Volkswagen, како и калифорниските производители на автомобили.