Амбулантно возило за болницата во Велес

30. октомври 2019 Дрекслмајер донираше санитетско возило на ЈЗУ Општа болница Велес.

Болничко возило од марката „Мерцедес Бенц Спринтер“ го збогати возниот парк на Општата болница во Велес. Возилото е потребно за пружање на здравствени услуги на пациентите кои се лекуваат во оваа установа и кои во итни случаи се упатуваат на клиничкиот центар во Скопје. Станува збор за опремено возило со соодветна медицинска опрема според високи стандарди, која е наменета за брзи интервенции во итни случаи.

Придобивки за пациентите

 „Драго ми е што денес имаме убав повод да ја посетиме болницата во Велес. Се надевам дека донираното возило значително ќе го зголеми квалитетот на медицинската услуга која ја пружаат медицинските служби, а од која директна придобивка ќе имаат пациентите како корисници на овие услуги“, рече на примопредавањето на возилото генералниот директор на Дрекслмајер, Лукас Мирингер.

 „Велешката болница е акредитирана регионална болница која го покрива регионот до Гевгелија и токму затоа ова возило ни е исклучително потребно во секојдневното функционирање, но и при пренесување на пациентите до клиничкиот центар во Скопје. Од име на целиот персонал би сакал да се заблагодарам на компанијата Дрекслмајер за оваа за нас особено важна донација“, истакна директорот на ЈЗУ Општа болница Велес, др. Божидар Бојаџиев.

Дрекслмајер останува партнер на регионот

Оваа донација е една од низата каде компанијата Дрекслмајер ги поддржува здравствените установи. Мината година и болницата во Кавадарци доби на подарок возило за медицинскиот персонал во оваа институција како и современа медицинска опрема колоноскоп и гастроскоп.

 Преку поддршка на проекти во повеќе различни области низ целиот регион, Дрекслмајер останува општествено одговорна компанија. Покрај социјалните проекти, компанијата поддржува активности во образованието, спортот и културата и останува партнер на регионот.

Општи информации

за
DRÄXLMAIER Групацијата

Групацијата DRÄXLMAIER ги снабдува врвните производители на автомобили ширум светот со сложени жичени системи од кабелски сетови, централни електрични и електронски компоненти, ексклузивни ентериери и системи од батерии за електрична мобилност. Комбинацијата од суштинските компетенции на полето на ентериерот, електричните и електронските, како и системите од батерии го прават DRÄXLMAIER уникатен во оваа индустрија. Токму затоа компанијата го покрива целосниот синџир на процесот, од првичната идеја, преку развојниот и производствениот процес, па сè до прецизната испорака на производите во секвенца до линиите за монтажа на врвните производители на автомобили. Творецот на специфичните жичени кабелски сетови изработени по барањата од клиентот, DRÄXLMAIER Групацијата, ја развива пионерската технологија за жичени кабелски сетови, но и за електричните и електронските компоненти, директно и единствено во рамките на организацијата. Производите ги вклучуваат повеќе-напонските и високо-напонските жичени системи од кабелски сетови, системи за управување со батеријата и паметни дистрибутери на струјата. DRÄXLMAIER веќе работи на иднината, која подразбира мобилност без емисија на штетни материи, со своите решенија за ниско-напонски и високо-напонски системи од батерии. Како лидер на пазарот во изработката на комплетен ентериер за премиум автомобилите, DRÄXLMAIER Group ги снабдува познатите производители на автомобили и со решенија за амбиентално осветлување, централни конзоли, облоги за врати и инструмент табли, како и со целосни модули за врати и кокпит модули. DRÄXLMAIER Групацијата e меѓународен добавувач во автомобилската индустрија со повеќе од 60 фабрики во преку 20 земји. Основана во 1958 година, со главно седиште во Германија, компанијата брои повеќе од 70.000 вработени ширум светот. За DRÄXLMAIER Групацијата, како компанија која е управувана од сопствениците, одговорното и долгорочното размислување секогаш биле основата за економскиот успех. Затоа ваквиот начин на делување е составен елемент од стратегијата на компанијата при создавањето на деловните и производствените процеси и на своите производи на поодржлив начин, кој пак ќе доведе до зголемување на конкурентноста на компанијата на долгорочна основа. Освен тоа, DRÄXLMAIER е истраен во посветеноста да постигне целосно намалување на емисијата на јаглерод диоксид во животната средина до 2050 година.

Во 2023 година обртот на компанијата изнесуваше 5.6 милијарди евра. Клиентите на овој добавувач, кој се вбројува во првите 100 добавувачи од автомобилската индустрија, ги вклучуваат: Audi, BMW, Jaguar, Land Rover, Maserati, Mercedes-Benz, Porsche и Volkswagen, како и калифорниските производители на автомобили.