DRÄXLMAIER и училиштето „Киро Спанџов – Брко“ помовираа Прирачник за инклузивно учење
Како резултат на соработката помеѓу DRÄXLMAIER Македонија и партнерското училиште на компанијата во спроведувањето на моделот на дуално стручно образование СОУ „Киро Спанџов – Брко“ и нивното заедничкото учество во проектот iLEAP Coach, беше промовиран Прирачник за инклузивно учење.
Прирачникот е наменет за училишните професори и компаниските ментори, а целта е преку соодветно насочени стратегии тие да ги надградат своите вештини и компетенции, така што ќе го подобрат нивното разбирање за академските предизвици со кои се соочуваат учениците и ќе ги поддржат на начин што ќе придонесат за унапредување на нивниот севкупен успех.
„DRÄXLMAIER во континуитет вложува во образованието на младите луѓе, но и во обуката и професионалниот развој на своите вработени меѓу кои припаѓаат и компаниските ментори. Преку четирите модули развиени во рамките на овој меѓународен проект искуствените знаења и практики на нашите тренери ќе бидат дополнително проширени“, рече Драган Јакимоски, одговорен за Тренинг и обука во DRÄXLMAIER Македонија. „За нас, како компанија, меѓународната размена на знаења и практики е особено важна и тоа го практикуваме во рамки на секојдневното работење. Но, сакам да потенцирам дека овој проект има и пошироко општествено значење, затоа што преку воведувањето на нови современи практики во реализацијата на моделот на дуално образование истото од една страна станува поатрактивно помеѓу учениците, а од друга страна овозможува создавање на подготвен кадар кој ќе може веднаш да одговори на современите барања на трудот“, додава Јакимоски.
Прирачникот е изработен врз основа на емпириски истражувања, анкети, интервјуа со ученици како и врз основа на работилници чии домаќини беа учесниците на проектот. По неколкугодишната заедничка работа, партнерите во проектот заеднички развија четири модули за дигитално учење со слободен он ланј пристап на пет јазици и тоа: Инклузивен процес на учење, Комуникациски и вештини за управување со конфликти, Употреба на дигитални алатки за едукација и Методологија за проценка на компетенциите и потенцијалот кај учениците.
„СОУ „Киро Спанџов – Брко“, веќе неколку години успешно соработува со DRÄXLMAIER во рамки на системот на дуално образование, преку кој нашите ученици реализираат учење преку работа во реални производствени услови. Оваа соработка овозможува стекнување на применливи знаења и вештини, директна подготовка за пазарот на труд, како и развој на работни навики кај учениците. СОУ „Киро Спанџов – Брко“ и DRÄXLMAIER, преку овие форми на соработка, активно придонесуваат за создавање на поквалитетно, практично и поинклузивно образование за младите генерации“, вели Душко Лазов, директор на СОУ „Киро Спанџов – Брко“.
Во iLeap Coach Еразмус+ проектот во организација на BBW, една од водечките институции за стручна обука и квалификација во Германија која повеќе од 25 години работи на полето на стручно оспособување и интеграција на пазарот на трудот, покрај DRÄXLMAIER Македонија и СОУ „Киро Спанџов – Брко“ учествуваа и средни стручни училишта и партнерски компании од Германија, Кипар и Романија.