DRÄXLMAIER и техничкото училиште го зајакнуваат партнерството преку заедничка иницијатива за уредување
Како дел од долгогодишно партнерство во рамките на дуалното образование според германски стандарди, DRÄXLMAIER и средното техничко училиште „Киро Спанџов – Брко“ успешно реализираа заедничка иницијатива за поставување и боење на периметарска ограда на новото фудбалско игралиште во кругот на училиштето. Акцијата претставува видлив симбол на соработка помеѓу индустријата и образованието чија најважна цел е развојот на млади таленти.
Иницијативата ги обедини на едно место дел од вработените во компанијата, дел од наставниците и учениците од средното техничко училиште како и дел од практикантите во DRÄXLMAIER кои се сегашни ученици на средното техничко училиште. За време на оваа активност, учесниците работеа рамо до рамо, зајакнувајќи го тимскиот дух.
За поставувањето и боењето на оградата, DRÄXLMAIER ги обезбеди сите потребни материјали, вклучувајќи ги елементите за изградба на оградата, бојата, разредувачи, четки, ваљаци, ракавици и други помошни алатки. Оваа поддршка им овозможи на учесниците ефикасно да ја завршат работната активност и да обезбедат професионални стандарди за квалитет.
Освен подобрувањето на инфраструктурата на училиштето, иницијативата послужи како можност за искуствено учење за учениците и практикантите, одразувајќи ги основните вредности на моделот на дуално образование: одговорност, тимска работа, учење преку пракса и меѓусебна посветеност.
„Оваа иницијатива ја покажува нашата посветеност на образованието и на инвестирањето во младите луѓе преку вистинска, практична соработка. Соработката со наставниците, учениците и нашите практиканти го зајакнува мостот помеѓу образованието и индустријата, што е суштината на германските стандарди за дуално образование кое веќе 10 години успешно се реализира во нашите фабрики во земјава“, рече Томаш Мацура, Генерален менаџер на DRÄXLMAIER Македонија.
Директорот на СОУ „Киро Спанџов – Брко“, Душко Лазов, ја нагласи образовната и симболичната важност на иницијативата, истакнувајќи го нејзиното влијание врз мотивацијата и чувството на припадност на учениците. „Нашето партнерство со DRÄXLMAIER им покажува на учениците дека образованието никогаш не престанува. Со заедничка работа на проекти, нашите ученици учат за одговорност и тимска работа и драго ни е што придонесуваат за своето училиште“.
Заедничката иницијатива поттикна и пријателски дијалог меѓу наставниците, професионалците од компанијата и учениците што уште повеќе ја зајакнува довербата и долгорочната соработка помеѓу двете организации.
DRÄXLMAIER и СОУ „Киро Спанџов – Брко“ продолжуваат со заеднички иницијативи кои поддржуваат развој на вештини, практично учење и одржлива соработка меѓу образованието и индустријата. Поставената и обоена ограда претставува траен симбол на партнерство, споделени вредности и инвестиции во идните млади професионалци.